Истражувачки престој и презентација во рамки на Fuchsbau Festival

Истражувачки престој и презентација на проект | Јане Чаловски и Христина Иваноска | Македониум: Драматургија на недовршеното | Fuchsbau Festival | Хановер, Германија | Август, 2020 година

 Како дел од тековниот проект „Македониум: Драматургија на недовршеното“, Јане Чаловски и Христина Иваноска имаа двонеделна истражувачка посета во Хановер со цел да се сретнат со тимот на фестивалот Фуксбау, да го претстават проектот и да работат на следните фази на негова продукција и презентација во 2022 година. Истражувачката посета беше реализирана благодарение на поддршката од тимот на Фестивалот Фуксбау,  i-Portunus и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

 Истражувачкиот и интердисциплинарен проект на Јане Чаловски и Христина Иваноска „Македониум: Драматургија на недовршеното“, ги третира архивите и политиките на меморијата и заборавот преку уметничко толкување на архивските и други наоди поврзани со доцните фази на модернизмот во Македонија, во овој конкретен случај поврзан со монументалниот комплекс Македониум (подоцна преименуван во Илинден) во Крушево. Овој проект се надоврзува на нивниот претходен уметнички интерес поврзан со прашањата на дефрагментираната историја, наративните шпекулации и политиките на претставување во контекст на заборавените сведоштва од минатото. Нивните индивидуални и заеднички проекти обликуваат визуелни формации на (не) документирањето преку различни форми на уметност, почитувајќи го односот помеѓу документарното и уметничкото, како и начините на кои артефактите го предизвикуваат имагинативниот и измислениот простор.