Македонски визуелни уметници: Јане Чаловски

Надворешни активности | Јане Чаловски | КСП-Центар Јадро | 16 јули, 2021 година

Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.

Програмата е реализирана преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Серијата на презентации на македонски уметниција продолжуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Јане Чаловски, автор со исклучително богата и репрезентативна кариера на светската уметничка сцена. Неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми во последните две децении се изложувани во земјата и странство на значајни манифестации, како Манифеста и Венециското Биенале.
Чаловски, несомнено спаѓа меѓу најрелевантните автори на современата македонска уметност во 21 век, со долгогодишно репрезентативно присуство и надвор од границите на земјата. Неговите дела реализирани во различни медиуми кои опфаќаат цртеж, инсталации, објекти, мултидисциплинарни истражувачки проекти, претставуваат значаен придонес во дебатите за јавниот простор, за значењето на архивите и колективното сеќавање, а со тоа и за улогата на уметноста во современоста.
Уште од самиот почеток Чаловски сериозно настапува на уметничката сцена со дела кои се промислени, со специфичен тематски и проблемски фокус, сериозно земајќи го предвид општествениот контекст и важноста на активирањето на актуелните дебати. Во својата презентација Чаловски ќе претстави избор од делата создавани во подолг временски период, а преку нив ќе ни открие повеќе и за својата методологија, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се изложувани и презентирани.
Во разговорот ќе стане збор за некои од претставените проекти, особено за покомплексните како што е Претставувањето на Венециското Биенале со проектот „Ние сите сме сами во ова“ во 2017, и неговиот развој, како и проектот со кој учествува на изложбата „Поголемо од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во MAXXI во Рим, курирана од Зденка Бадовинац. Со цел запознавање на пошироката публика со разновидноста на неговиот опус, но и улогата на институционалната мрежа во локалниот контекст, ќе се осврнеме и на неговите самостојни претставувања во МСУ-Скопје, како и улогата на Проектниот простор „Прес ту егзит“ и Асоцијацијата „Јадро“ во унапредување на локалната уметничка сцена.

Ве покануваме заеднички да ја проследиме презентацијата и се надеваме дека ќе се вклучите со свои прашања и коментари во разговорот со уметникот.

Јане Чаловски (1973, Скопје) студирал скулптура на Акаденијата за ликовни уметности во Пенсилванија (1992-1996), а дипломирал на колеџот „Бенингтон“ (1997). Учествувал на постдипломски програми на Центарот за современа уметност во Китакјушу (1999-2000) и на Академијата „Јан ван Ајк“ (2002-2004), а магистрирал медиумска и културна продукција на Универзитетот „Линкопинг“ во Шведска (2010). Во својата практика Чаловски се занимава со традицијата на истражувањето и преведувањето, поврзувањето, емпириски идеи со анализа на референциите од историјата на уметноста, што го води во дела ситуирани во просторната особеност на нова културна и политичка географија. Често се занимава со места во историјата и собира локална култура, како предмети, приказни и песни, за пресоздавање, покажувајќи дека современата концептуална уметност може да креира нови и иновативни сценарија и основи за интерпретација на домашното знаење со историјата и со општеството. Чаловски ги изложувал, прикажувал и ги објавувал своите контекстуално ориентирани и дела засновани на цртеж во меѓународни рамки, и тоа во: Музејскиот кварт во Виена, Францускиот институт во Токио, Националниот музеј на современа уметност (МНАЦ) во Букурешт, Бункер Штуки Краков, Фондација Баухаус Десау, Кунстхале Баден-Баден, Кунстхале Брегенц, Салцбург Кунстверајн, Уметнички центар Акбанк, Истанбул, Тејт Британија, Европски Кунстхале, Институтот за медиумска уметност на Холандија, Кроника – Битом, Констхале Брантс, Балтичкиот уметнички центар, Центарот за современа уметност во Вилнус, АР/ГЕ Кунст, Центарот за цртеж во Њујорк, Музејот на современа уметност во Скопје и други. Изложувал и на Биеналето за фотографија во Хелсинки (2014), Второто биенале на современа уметност D-0 ARK Underground (Босна и Херцеговина) (2012), СпаПорт интернешенал (2010), Манифеста 7 (2008), ПР 04, Порторико (2004), Манифеста 3 (2000). Исто така бил застапен и на Артинтернешенал 2015, Истанбул, Фриз Лондон, Арт Базел, Виенскиот уметнички саем и АРКО Мадрид. За својата практика, меѓу другите признанија, добитник е и на стипендијата ОРТунг 2012, на стипендијата од Фондацијата на Алијанц за уметност 2004, стипендијата „Пју“ за уметности 2001.

Владимир Јанчевски(1984, Скопје)
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011). Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.

Оваа серија разговори е реализирана со финансиска поддршка на од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија и Министерство за култура

https://www.facebook.com/events/136621081925531/?ref=newsfeed