Македониум: Драматургија на незавршеното

Истражувачки проект и публикација | Јане Чаловски и Христина Иваноска | Македониум: Драматургија на незавршеното | Декември, 2020

Најновиот истражувачки и интердисциплинарен проект на уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска со работен наслов „Македониум: Драматургија на незавршеното“ ги третира архивите и политиките на помнење и заборавање преку уметничка интерпретација на архивски и други наоди поврзани со доцната фаза на модернизмот во Македонија, во конкретниов случај со споменичниот комплекс „Македониум“ во Крушево.  Овој проект е надоврзување на нивниот досегашен уметнички интерес поврзан со прашања за дефрагментарни истории, наративни спекулации и политики на репрезентација во контекст на заборавени сведоштва за минатото. Нивните индивидуални и заеднички проекти фoрмираат визуелни формации на (не)документираното низ различни уметнички форми почитувајќи го соодносот помеѓу документаристиката и уметничкото дело како и начините на кој артефактите го предизвикуваат имагинативниот и фиктивниот простор.

Оваа публикација е само „Почетен чин“ на споделување на она што е досега пронајдено, сработено и создадено, третирајќи го процесот како отворен проект кој нуди простор за понатамошни дискурзивни надополнувања и интерпретации, изработка на нови дела и следни публикации. Во „Македониум: Драматургија на незавршеното“ се спојуваат два разработени концепти. Еден во насока на пластично решавање на скулптура и простор инспирирани од нереализираните делови на споменикот, кој е повеќе близок на ликовниот јазик на Јане Чаловски, а другиот е обид за драматуршко и перформативно третирање на записниците и документите поврзани со изградбата на споменикот, третман во кој сѐ повеќе го пронаоѓа својот интерес Христина Иваноска.