Отворање на КСП Центар-Јадро

Надворешни активности | Јане Чаловски  | отворање на КСП „Центар-Јадро | 7 октомври 2020

На ул. Алберт Ајнштајн бр.2, се случи отворање на КСП „Центар-Јадро, и по повод отвoрањето на новиот културно социјален простор „Центар-Јадро“, како и презентација на моделот на цивилно-јавно партнерство се одржа прес конференција.

КСП „Центар-Јадро“ е јавна установа од областа на културата формирана по принципот на цивилно-јавно партнерство за потребите на заедницата. Таа негува инклузивна, демократска и прогресивна култура низ креирање програми, афирмација, едукација и развој на уметнички и социокултурни практики во соработка со поединци, формални и неформални групи.

КСП „Центар-Јадро“ заеднички го основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена (платформа која обединува организации, поединци и неформални уметнички групи од целата држава). Ваквиот модел овозможува долгорочна одржливост, резултат на урамнотежениот однос помеѓу јавното финансирање и надзорот, од една, и независното програмирање и партиципативно носење на одлуките, од друга страна.

Идејата за Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ настана од потребата за место, фокус, каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор што ќе создава aвтономни, самоорганизирани содржини, содржини што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.

Јане Чаловски, претседател на „Јадро- Асоцијација на независната културна сцена“, во своето линковско вклучување од Берлин изрази огромно задоволство за отварањето на центарот, кој е заеднички влог на пошироката независна културна сцена и Општина Центар. Тој истакна дека ова е исклучително важен чин за независната културна сцена, која со години се стремела да направи нешто што е за заедничкото добро.

Простор каде што креативноста, критичката мисла и заедницата ќе бидат отсликани на најдобар можен начин и каде што заедничкото ќе го надмине партикуларното.

“Горди сме дека Општина Центар ја доби својата прва институција од областа на културата и за тоа што има огромна доверба во нашата соработка, како асоцијација и застапувачко тело на независната културна сцена. Особено се радувам дека овој модел е препознаен и наскоро ќе се преслика преку отварањето на новиот културен центар Подиум-Јадро, во Кавадарци.“ – истакна Чалоски.

„Центар-Јадро“ е резултат на заложбите на ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена, која од своето основање во 2012 година како непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа, се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.

https://okno.mk/node/86530?fbclid=IwAR1YtujltTF_UPx4LLsrvhRsRh6ly9-5wMf98uQOVA8ZVpsGxnC6tPuS580

www.centarjadro.mk