НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ ДА ИМА ОТПУШТАЊА НА РАБОТНИЦИ И РАБОТНИЧКИ!

Ние, долупотпишаните синдикати и здруженија на граѓан(к)и, кои се бориме и залагаме за работничките и работниците, за нивните права и за нивен достоинствен живот, НАЈОСТРО се спротивставуваме и ја осудуваме денешната најава на Министерката за финансии, Нина Ангеловска, дека ќе им биде дозволено на фирмите кои користат државна финансиска поддршка за исплата на плати да отпуштат до 15% од нивните вработени. Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија! 
Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците.
Не смее да се заборави дека средствата од кои се финансираат овие мерки доаѓаат од даночните обврзници, односно се пари на сите граѓани на оваа држава, па затоа треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници.

Потсетуваме и дека Владата веќе еднаш ја смени оваа Уредба, скратувајќи го рокот за неотпуштање работници од септември, на јули, односно, за два месеци. 
Поради сето ова, БАРАМЕ:
1.    Итно и неодложно да се запре процесот на измена и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 во насока на давање на можност на работодавачите кои користат финансиска помош од државата да отпуштаат вработени. 
2.    Синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност. 
3.       Одговорност од Министерката за финансии, Нина Ангеловска.
За крај, ги потсетуваме политичарите и функционерите, дека без работниците и работничките, ниту тие ќе бидат на власт, ниту работодавачите ќе можат да остваруваат профити.
Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)
Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
Независен академски синдикат (НАкС)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
Левичарско движење „Солидарност“
ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена 
Здружение на граѓани „Прес ту Егзит“ Скопје 
Асоцијација Контрапункт