За нас

Здружението на граѓани Проектен простор Прес ту егзит - Скопје е основано во 2004 година од страна на уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како посебна програмски базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во полето на визуелните уметности и кураторските практики.  Трите главни програми на активности на здружението се: Иницијатива за кураторски гостувања;  Нови проектни продукции;  и Предавања, презентации и изложби,  насочени кон изнаоѓање нови начини за генерирање и продукција на проекти како и воспоставување на соработки со уметници и куратори од Македонија и странство.

Иницијатива за кураторски гостувања има за цел да стимулира и поддржува истражување и имплементација на нови кураторски практики и проекти во Македонија преку гостување на млади и етаблирани интернационални и локални куратори кои ќе можат да го споделат своето знаење и искуство со своите колеги и публиката, и ќе имаат можност да се запознаат со локалниот и регионален културен контекст и неговиот креативен потенцијал и продукција.  Дел од гостите кои биле поканети во рамки на оваа програма се: Себастијан Цихочки (Полска), Башак Шенова (Турција), Агњешка Курант (Полска), Дороти Рихтер (Швајцарија), Сузана Милевска (Македонија), Аленка Грегорич (Словенија), Фатош Устек (Турција/Велика Британија), Марко Стаменковиќ (Србија/Белгија), Даниеле Балит (Италија/Франција), Горан Петровиќ (Србија/Белгија), Гил Аниџар (САД) и други.

Нови проектни продукции е програма која кани млади уметници, куратори, дизајнери и теоретичари на културата и уметноста да продуцираат нови содржини кои рефлектираат на социјалната, културна и политичка реалност. Од 2004 година до денес, во рамки на оваа програма се соработуваше со: Жана ван Хисвијк (Холандија), Даниела Паеш Леао (Португалија/Холандија), Инга Зимприх (Германија/Холандија), СТЕАЛТ.анлимитед (Србија/Холандија), Срџан Јовановиќ – Вајс (Србија/САД), како и со македонските уметници, куратори и активисти и архитекти: Александар Станкоски, Билјана Стефановска, Елена Вељановска, Марјан Денков, Прва Архи Бригада, Флора Алиуче, Горан Дачев, ОПА (Опсесивно посесивна агресија), Дејан Спасовиќ и други.

Предавања, презентации и изложби е најдинамична програма замислена како отворена платформа за дебатирање и размена на идеи во насока на истражување на разни начини за генерирање, продуцирање и презентирање на домашни, регионални и интернационални проекти и соработки. Во оваа програма се поканети да земат учество индивидуалци, групи, организации и институции, за да ги претстават нивните најнови истражувања, проекти, публикации и продукции. Во рамки на оваа програма гостувале: Волфганг Тилманс (Германија/Велика Британија), Марјетица Потрч (Словенија), Кионг Парк (САД), НОРМ (Швајцарија), Пит Пинар (Јужноафриканска Република), Тадеј Погачар (Словенија), Јенс Ханинг (Белгија), Алберт Хета (Косово), Андерс Кројгер (Шветска), Маја Дамиановиќ (Австрија), Барбара Холуб (Австрија), Пер Хутнер (Шведска/Франција), Линас Јаблонскис (Литванија), Крис Грутујесен (Холандија), Небојша Миликиќ (Србија), куда.орг (Србија) и други.