Резиденциски престој на Каталин Ердоди

Кураторски резиденцијален престој |  Каталин Ердоди |  Проектен простор Прес ту егзит |  19 ноември -17 декември 2018

На покана на Проектниот простор Прес ту егзит, а во рамки на програмата „Иницијатива за кураторски гостувања“ од 19 ноември до 17 декември, 2018 год. во Македонија престојува Каталин Ердоди (1980, Дебрецен, Унгарија). Таа е кураторка, истражувачка и културна работничка активна во полето на современата уметност и перформанс од 2004 година. Нејзината пракса се фокусира на интердисциплинарни соработки, политички ангажирани уметнички и кураторски стратегии, експериментални перформативни формати и уметност во јавен простор, во широка смисла разбрана како општествен, архитектонски и дискурзивен простор. Таа живее и работи во Виена.

За време на нејзиниот престој во Скопје, Каталин Ердоди ќе направи истражување базирано на практика кое е дел од нејзините докторски студии. Нејзиното истражување се однесува на постсоцијалистичката рурална состојба во Унгарија и во другите поранешни социјалистички земји, вклучувајќи ја и Македонија, осносно социо-економските, политичките и културните процеси на трансформација во руралните средини, со политичка транзиција од крајот на 80-те / почетокот на 90-те како пресврта точка. Таа ги испитува хетерогените и фрагментираните реалности на руралните промени - особено фокусирајќи се на трансформацијата на земјоделската работа, руралната егзистенција и секојдневниот живот - со помош на уметнички и кураторски стратегии поврзани со јавната уметност, уметничкото истражување и социо-политичкиот ангажман.

Како куратор Ердоди работела за уметнички институции и фестивали, како што се steirischerherbst'18 (Грац), brut/imagetanz festival (Виена), GfZK - Музеј на современа уметност (Лајпциг), Ludwig Museum – Museum of Contemporary Art (Будимпешта) и Trafó House of Contemporary Arts (Будимпешта), како и самоорганизирани платформи, како што се експерименталните музички и перформативни серијали Der Blöde Dritte Mittwoch (Виена).

Како независен куратор, таа иницирала и (ко-) курирала разновидни проекти, меѓу кои „Ми се допаѓа да бидам земјоделец и сакам тоа и да останам“ со уметницата Antje Schiffers (2017-8, Будимпешта/Унгарија), „Уживај ја Австрија“ со уметницата Núria Güell (2016, Виена), „Уживајте во вашите борби“ (2016, Будимпешта, ко-курирана со Zsuzsi Flohr), „Социјален мед“ со уметничката група finger (2013, Будимпешта), „политика на малиот чин“ (2012, Лајпциг) и „PLACCC“ фестивал, меѓународен фестивал за сајт специфични перформанси и уметност во јавен простор (2008-2011, Будимпешта, ко-основач и ко-куратор заедно со Fanni Nánay).

Паралелно со нејзината кураторска работа, Ердоди соработува и како советник за драматургија со уметници изведувачи од Виена, меѓу кои и со Gin Müller, Oleg Soulimenko, Sööt/Zeyringer и Doris Uhlich и работи на меѓународно ниво како авторка и уредничка за списанија за уметност, како што е tranzitblog, Mezosfera, Színház, etcetera – Performing Arts Magazine и Bildpunkt. Од 2016 година таа е докторски кандидат на PhD-in-Practice при Академијата за ликовни уметности Виена, PhD-in-Curating на Zurich University of the Arts (ZHdK), и University of Reading.

Гостувањето на Каталин Ердоди е дел од годишната програма на Проектниот простор Прес ту егзит со наслов „Недисциплинирани форми на знаење“, а поддржано од Министерството за култура на Република Македонија. Овогодинешни партнери на Прес ти егзит се Музејот на современа уметност Скопје и Контрапункт, Скопје.