Илузии на уметноста

Нови проектни продукции |  Проект „Илузии на уметноста“ на Доротеј Нешовски |  Проектен простор Прес ту егзит |  3 -14 декември 2018, 10-15.00 и 20-22.00 часот

„Илузии на уметноста“ на Доротеј Нешовски (1988, Скопје) е истражувачки проект кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник.

„Илузии на уметноста“ се реализираше во рамки на програмата „Нови проектни продукции“ на Проектниот простор Прес ту егзит и резултира со серија на објекти/слики, дигитални отпечатоци, цртежи, фото-документација и ефемерни интервенции во простор. Доживеани од авторот како „урбани визуелни и ментални графички мапи“ каде паралелно коегзистираат авторовите искуства со луѓе, состојби, енергии, простори, и случки, тие се слоевито градени со колоритен графички интензитет. Визуелно провоцирајќи и комуницирајќи со гледачот, тие го насочуваат погледот истовремено навнатре кон интимниот, но истовремено и нанадвор кон урбаниот простор.

Основната уметничка алатка во најновиот проект на Нешовски се моливите во боја. Тие за авторот ја претставуваат „врската помеѓу природата и човекот" (цитат од „UM / A-1" и серијата „Неименувани") и се визуелен постулат на две клучни прашања што тој ги поставува: како ги доживуваме илузиите во секојдневниот живот, и дали човекот, како извонреден природен феномен, и самиот е илузија?, упатувајќи на теориите на Саул Меклеод и Јан Гордон за визуелната перцепција и нејзиниот историски и филозофски контекст.

Поврзаноста на моливот со идејата за наивност и детска игра е суштински клуч за отклучување на проблемите во „Илузии на уметноста", бидејќи се впушта и во воведувањето на јавната сфера. Со држење нa делата за да го скрие своето лице, авторот се движи низ урбаниот простор во намера да создаде нов однос помеѓу делото и публиката надвор од институционалниот (галериски) контекст.

Проектот „Илузии на уметноста“ е реализиран во рамки на годишната програма „Недисциплинирани форми на знаење“ подржана од Министерството за култура на Република Македонија за 2018 година. Поради лимитираноста на изложбениот простор, ги информираме сите заинтересирани да се најават на 078 850 202.

Доротеј Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Вајарски оддел, со насока сценографија, во 2012 година. Како еден од основачите на уметничката група „ЅЕЕ“ (2012), тoj е активен член и учесник во сите нивни проекти. Има изложувано свои дела на бројни групни изложби и проекти во Македонија меѓу кои: SЕЕ, УМ/А 1 (2015), „Под земја полесно се дише“ (2017); и Меѓународниот симпозиум „Кураторски размени 6: Простори, функции, фикции и други заеднички именители“ организиран од Проектен простор Прес ту егзит, на која се претстави со перформативната презентацијата „Фикции и простории во кои живеам“ давајќи увид за низата можности на исчитување на ефемерното наспроти постојаното, јавното наспроти институционалното, виртуелниот наспроти физичкиот простор при создавање на т.н. „невидливи дела“. Нешовски е автор на книгата „Art is not what you want“, (Private Print, Skopje, 2017 год.), претставена во Скопје, Берлин, Токио и Париз. Живее и работи во Скопје.