Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку)

Предавање на Сабина Саболовиќ | Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку) | Музеј на современа уметност во Скопје, 18-ти декември 2017, 20.00 ч.

Проектниот простор Прес ту егзит заедно со Музејот на современа уметност  ве покануваат на предавање на Сабина Саболовиќ, член на кураторскиот колектив What, How & for Whom/WHW.

Сабина Саболовиќ ќе ја претстави практиката на кураторски колектив од кој и самата е дел - What, How & for Whom/WHW – и кој се занимава со континуирана реконфигурација на односите на уметничката и културна продукција со поимите на историјата и политиката. Презентацијата ќе се фокусира на нивниот најнов проект насловен „Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку)“, ко-куриран во соработка со Катрин Ромберг. Насловен по дело на хрватскиот уметник Младен Стилиновиќ (1947-2016), проектот е инспириран од неговиот постојан анти-систематски уметнички пристап во потрага по поавтономни начини на уметничкото создавање.

По шест изложбени прикажувања, одржани во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година, во независни уметнички простори, уметнички студиа и приватни станови во Загреб, проектот имаше свој епилог во современиот уметнички простор The Showroom во Лондон кон крајот на 2017 година во ко-кураторство со Емили Петик. Базиран врз Kontakt Art колекцијата од Виена, која вклучува антологиски дела на уметници од Централна, Источна и Југоисточна Европа од 1960 година до денес, проектот ги претставува канонските дела од колекцијата со голем број на историски и современи дела со намера да адресира и одново да формулира некои од постојано актуелните теми присутни низ делата во колекцијата, како што се радикалниот утопизам, фигурата на уметник дисидент, прашања за родот, политички субјективитети и ангажирано делување, и статусот на јавниот простор.

Сабина Саболовиќ е член на кураторски колектив What, How & for Whom/WHW формиран во 1999 година со седиште во Загреб и Берлин (заедно со Ивет Чурлин, Ана Девиќ и Наташа Илиќ).  WHW организира продукциски, изложбени и издавачки проекти, и е вклучен во долгорочни колаборативни платформи и културни политики. Од 2003 година WHW ги води програмските активности на Галерија Нова, простор кој е во сопственост на Градот Загреб. Покрај тоа, WHW курира меѓународни проекти, вклучувајќи го 11. Истанбулско биенале, 2009; Meeting Points 7 – „Десет илјади итрини и сто илјади трикови“ (Загреб, Антверпен, Каиро, Хонг Конг, Бејрут, Виена, Москва), 2013/14; и „Навистина корисно знаење“, Музеј Реина Софија, Мадрид, 2014. Неодамна колективот го курираше проектот „Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку)“ во соработка со Катрин Ромберг и Емили Петик, 2016/17.