Ова е уметност и уметноста е многу нешта

Предавање на Себастијан Цихочки „Ова е уметност и уметноста е многу нешта“|  6ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Простори, функции, фикции и други заеднички именители организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 20 мај, 2017Музеј на современата уметност, Скопје, 19.00 ч.

Ве известуваме дека во сабота, 20.05.2017, во Музејот на современата уметност во Скопје со почеток во 19:00 ч. ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Себастијан Цихочки водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, Полска насловено Ова е уметност и уметноста е многу нешта”*.

Како што е наведено од кураторот, во 1970-тите години Јиржи Лудвински (
Jirzi Ludwiński), полски уметник, теоретичар и критичар, го најавил доаѓањето на пост-уметничкото време. Тој забележал дека трансформацијата на уметноста е резултат на преземање на сосема нова форма; онаа која критичниот јазик на неговото време не беше во можност да ја критикува. Лудвински тврди дека пост-уметноста има неспорно поголем потенцијал отколку активностите кои се традиционално признаени како уметнички. Тој напишал: „Сите претходни концепции кои се однесуваат на уметноста се откажани, дури и она на авторството. Она што е важно се тензиите креирани преку колективен труд на многу индивидуи што придонесуваат за донесување на систем кој пулсира со живот, како некое гигантско дело на природата. Уметност = реалност“.
Таквите пост-уметнички времиња најавуваат ера во која високиот „коефициент на уметноста" (како феномен кој теоретичарот Стивен Рајт го опишал повикувајќи се на предавањето на Марсел Дишан „Креативен чин", 1957) е присутен во многу области од животот; кога работата на уметникот не секогаш се материјализира во форма на уметничко дело; кога и самата уметност се создава во размер 1:1, наместо да производува модели за ситуации и нешта.
Како може да се измери коефициентот на уметноста во еден уред кој собира магла и кој ги снабдува со вода жителите на пустината во Чиле? Колку уметноста е присутна во процесот на соработка меѓу турски пчелар и кошница на пчели во текот на производството на психоактивен мед? Прашањето што навистина вреди да се постави е: Постои ли повеќе уметност во или вон ѕидовите на музејот?

Просторни тенденции во (ко)оперативни практики - за начините на де-регулација, индивидуалните капацитети и нивната иднина

Предавање на Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли „Просторни тенденции во (ко)оперативни практики - за начините на де-регулација, индивидуалните капацитети и нивната иднина“|  6ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Простори, функции, фикции и други заеднички именители организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 13 мај, 2017Социјален центар „Дуња“, Скопје, 20.00 ч.

Ве известуваме дека во сабота, 13.05.2017, во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје со почеток во 20:00 ч. ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли од уметничкиот колектив <dienstag abend> од Виена, Австрија насловено “Просторни тенденции во (ко)оперативни практики - за начините на де-регулација, индивидуалните капацитети и нивната иднина".

Предавањето ќе започне со кратко претставување на колективот <dienstag abend>, а потоа ќе се осврне на работата реализирана во Европскиот град на културата Вроцлав 2016, фокусирајќи се на социјалните влијанија на донесување на политички одлуки за делата во јавен простор, а со тоа и на улогата на афективното информање. Исто така, ќе се претстави и партнерската иницијатива со Фондацијата Атанас Петров и тековниот проект во Медицинскиот музејот во Плевен, Бугарија, фокусирајќи се на начините за постоењето на тој простор. 

Меурчиња, пена и мориња

Предавање на Мауро Гил-Фурние „Меурчиња, пена и мориња“  6ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Простори, функции, фикции и други заеднички именители организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 12 мај, 2017ГЕМ Клуб, Скопје, 19.00 ч.

Ве известуваме дека во петок, 12.05.2017, во ГЕМ Клубот во Скопје со почеток во 19:00 ч. ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Мауро Гил-Фурние (Mauro Gil-Fournier), архитект и ко-основач на SIC | VIC студиото од Мадрид, Шпанија.

Презентацијата на Мауро Гил-Фурние се однесува на работата на архитектонското студио SIC | VIC кое се стреми да постави нелинеарна историја на динамики кои во моментов се случуваат во повеќето од градовите на 3 различни нивоа. Како што тој објаснува: „Граѓанскиот сектор  создава меури, како што се појавата и исчезнувањето на граѓанските организации и создавањето мрежи помеѓу нив. Сложени пени и состојби се јавуваат кога меурот од екосистем е создаден. Морињата пак се транзицијата-артикулацијата помеѓу воспоставените модели. Ваквите динамики не се прогресивни или еволутивни на линеарен начин; се случуваат истовремено во градот. Тие формираат систем со силна интеракција и повратни информации помеѓу компонентите на системот. Нелинеарната историја која сакаме да ја имаме тука, со нејзините привлечности и поделби, создава динамики што во конкретниот случај има клучен фактор: нивниот ситуиран карактер. Оттука, преку нашата работа и развој на град ќе се обидеме да објасниме што го прави Мадрид денес прототип на граѓанска иновација и урбана трансформација.“

Фикции и простори во кои живеам и Мали победи

Презентација на Клелија Живковиќ „Мали победи“, Доротеј Нешовски „Фикции и простори во кои живеам“ и средба со Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли од уметничкиот колектив <dienstag abend>, 6ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Простори, функции, фикции и други заеднички именители организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 10 мај, 2017Социјален центар Дуња, Скопје, 20.00 ч.

Во среда на 10-ти мај, во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје со почеток во 20:00 ч. ќе се одржи отворена средба со Лудвиг Китингер (Ludwig Kittinger), Ана де Алмеида (Ana de Almeida) и Фелим Меконигли (Phelim McConigly) од уметничкиот колектив <dienstag abend> од Виена, Австрија, придружена со презентациите на социјалната дизајнерка од Скопје, Клелија Живковиќ насловена “Мали победи” и мултимедијалниот уметник Доротеј Нешовски со „Фикции и простории во кои живеам“. 

Со овој настан се најавува започнувањето на шестото издание на Интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“ на тема: „Простори, функции, фикции и други заеднички именители“, кој вклучува гости од Австрија, Шпанија, Полска и Македонија и ќе трае до 21-ви мај, 2017 година.

„Мали победи“ на Клелија Живковиќ е проект за архивирање на промените во градот Скопје, преку користење на лично искуство како артефакт. Проектот има за цел да го истражува односот на граѓаните кон нивниот град и да ја искористи нивната перспектива како единствен документ кој раскажува приказна за историја која е изменета и одново фабрикувана.

Презентацијата „Фикции и простории во кои живеам“ на Доротеј Нешовски дава увид во истражувачките интереси на уметникот за релацијата „индивидуа-галерија-институција“ и низата потенцијали на исчитување на ефемерното наспроти постојаното, јавното наспроти институционалното, виртуелниот наспроти физичкиот галериски простор при создавање на т.н „невидливи дела“.

Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли пак, на оваа средба, ќе нè запознаат со идеjата за нивната просторно-специфична работилница насловена ”dienstag abend No. 86”, која во текот на три последователни дена, почнувајќи од 11-ти до 13-ти мај со почеток во 12 часот до 16 часот, ќе се одржуваат во Социјалниот центар „Дуња“, како и за начинот на кој заинтересираните учесници ќе бидат инволвирани во нea.

”dienstag abend No. 86“ е работилница која се однесува на ситуации, интервенции и инволвираност. Целта на работилницата е споделување на бројни процеси кои колективот <dienstag abend> ги дефинираат низ различни настани, изложби и изданија. За време на работилницата учесниците се поканети да пронајдат ситуација врз која ќе интервенираат, со намера да предизвикаат нови интервенции и инволвираност а кои се однесуваат на нивната работа.